Над 100 евакуирани Авганистанци, од Косово, заминаа за Британија

Една група од 117 Авганистанци, кои неодамна беа евакуирани во Косово, денеска заминаа за Велика Британија

Една група од 117 Авганистанци, кои неодамна беа евакуирани во Косово, денеска заминаа за Велика Британија. Евакуираните Авганситанци кои властите во Kосово ги опишаа како цивили кои работеле со силите на НАТО во Авганистан и нивните семејства, денеска го напуштиле меѓународниот аеродром Приштина.

„Денес, по многу напорна работа, заедно со НАТО и Владата на Косово, ние се збогуваме со првата група Авганистанци кои порано работеа за НАТО додека летаа кон Обединетото кралство за да започнат нов живот по престојот на Косово“, објави Британската амбасада во Приштина на својата официјална страница на Фејсбук.

Соединетите држави и нивните сојузници евакуираа десетици илјади Авганистанци кои беа опасност во својата татковина. Тие беа евакуриани откако Талибанците пред еден месец ја соборија владата во Кабул која беше поддржана од Западот. Илјадници други луѓе сакаат да ја напуштат земјата која 20 години беше зафатена од војна.

„Велика Британија се обврза да премести околу 150 Авганистанци поврзани со НАТО“, се вели во соопштението.

Косово соопшти дека привремено ќе смести околу две илјади Авганистанци.
„Исклучително сме благодарни за великодушноста која ја покажа Косово со сместувањето на овие ранливи луѓе, како и за поддршка на НАТО кога тоа е потребно“, стои во соопштението на амбасадата.