Косовскиот премиер Албин Курти не одговори конкретно дали ќе бидат испорачани Африм Исмаиловиќ и Алил Демири осудени во случајот „Монструм“. Само кратко рече дека министерствата за правда на двете земји се во постојан контакт и дека во интерес на сите е да се дознае целосната вистина за тешките предмети и да се дојде до правдата.
„Знаеме дека од минатото наследивме трагични случаи и тешки предмети. Но има и други предмети кои според мое убедување не се разјаснети докрај и ја немаме целосната вистина. Заедно со премиерот Зоран Заев разговаравме за меѓусебна поддршка, но и за меѓународна помош, како би имало правда и за двете земји, но и за жртвите, како би се научила вистината на крајот”, изјави Курти.
Курти и министрите денеска се во посета на Македонија, каде одржаа заедничка седница.
Скопје бара од Приштина екстрадиција на двајцата осудени во Монструм, кои со години се во Косово. Африм Исмаиловиќ, еден од осудените на доживотен затвор во процесот „Монструм“, во април годинава беше уапсен во Косово.
Исмаиловиќ и Демири се осудени во отсуство на доживотен затвор затоа што на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство.