Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе остане во самоизолација неколку дена, откако десетици членови од неговиот близок круг се потврдени дека се позитивни на ковид-19.
Тој денеска имаше видео обраќање на конференција со лидерите на земјите-членки на Организацијата за колективна безбедност, која се одржува во Душанбе. Путин им рече на присутните лидери дека сака да може да се ракува и да се прегрне со нив, како што било и претходно планирано, но дека морало да се самоизолира.
„Знаете, за жал, морав да го откажам патувањето во Душанбе во последен момент и ми е жал за тоа. Но, тоа е затоа што, како што знаете, коронавирусот не беше откриен само кај едно или две лица, туку кај неколку десетици луѓе во [мојот] најблизок круг. Така, сега морам да останам во самоизолација неколку дена“, рече Путин.
Не е познато кој од блиските контакти на Путин е позитивен на ковид-19, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера им рече на новинарите дека претседателот е „апсолутно здрав“ и е негативен на ковид.
Путин кој има 68 години пред неколку месеци примил вакцина Спутник Ве.
Во Организацијата за колективна безбедност членуваат Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан.