САД, Британија и Австралија во нов пакт АУКУС - веднаш критики од Кина

Џо Бајден, Скот Морисон и Борис Џонсон

САД, Велика Британија и Австралија објавија ново безбедносно партнерство за Индо-Пацификот, што веднаш наиде на критики од Кина. Американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и австралискиот премиер Скот Морисон вчера го објавија новиот пакт, кој ќе се вика АУКУС.

Партнерството ќе овозможи поголемо споделување на одбранбените капацитети, вклучително и помош за опремување на Австралија со подморници на нуклеарен погон. Други области на соработка ќе бидат и вештачка интелигенција, сајбер и подводни одбранбени способности. Сите три земји нагласија дека Австралија ќе добие напредна нуклеарна технологија за придвижување подморници, а не за развој на програма за нуклеарно оружје.

При објавувањето на соопштението, ниту една од трите земји не спомена дека ја предизвикува Кина, но, новата безбедносна алијанса најверојатно ќе се гледа како провокативен потег во Пекинг, кој ги заостри односите со трите држави поради многу прашања, вклучувајќи ги човековите права, трговијата и статусот на Хонг Конг. Кинескиот воен притисок врз Тајван и распоредувањето во спорното Јужно Кинеско Море исто така беа причина за загриженост.

Амбасадата на Кина во Вашингтон соопшти дека земјите „не треба да градат исклучиви блокови насочени или повредувајќи ги интересите на трети страни“.

„Особено тие треба да го отфрлат менталитетот од Студената војна и идеолошките предрасуди“, се вели во соопштението.