Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен, изјави дека блокот ќе го задржи притисокот врз членките Полска и Унгарија за поддршка на демократските вредности, вклучително и можните правни дејствија и кратење на финансиите.
За време на денешниот говор во Брисел, таа рече дека акциите на Варшава и Будимпешта кои остро ја ограничуваат миграцијата, ги дискриминираат жените и ЛГБТ заедницата, ги ограничуваат медиумите или ја ограничуваат независноста на судството се спротивни на основните вредности на 27-члениот блок.
„Овие вредности сега се вградени во европските договори“, рече Фон дер Лајен.
„Ова е она за што сите ние се потпишавме кога станавме дел од оваа унија како слободни и суверени земји. Ние сме решени да ги браниме овие вредности“, рече таа.
Блокот веќе долго време е во расчекор со националистичките и евроскептичните влади во Унгарија и Полска.
Двете земји се меѓу деветте членки чии планови за национални трошоци се уште не се одобрени од Европската комисија, чекор којшто е неопходен за да се отклучат милијарди евра наменети за помош во рестартирањето на економскиот раст закочен од пандемијата на Ковид-19.
Фон дер Лајен исто така ја повтори поддршката за предлогот за поврзување на пристапот до фондовите на ЕУ со почитување на владеењето на правото.
„Ќе направиме се што можеме за да го заштитиме буџетот на ЕУ“, рече таа додавајќи дека Комисијата во блиска иднина ќе испраќа до земјите членки предупредувања според новиот механизам.
Говорејќи во Варшава истиот ден, Јарослав Качински - шефот на владејачката Партија на правото и правдата, изјави дека иднината на Полска е внатре во ЕУ, но дека таа мора да остане „суверена земја“.