Московската полиција приведе четворица активисти и новинар поради краток протест за поддршка на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални одржан на Црвениот плоштад.
Сергеј Лукашов, Светлана Лукашова, Сергеј Редников и Илја Ермаков денеска беа уапсени, секунди откако разоткриа голем транспарент на кој пишуваше „Слобода за Навални! Путин, оди во затвор“ и скандирајќи „Слобода на Алексеј Навални!“.
Приведен е и Евгениј Евсјуков, кој направи видео снимка од протестот. Групата за човекови права „ОВД-Инфо“ соопшти дека полицијата му ја одзела новинарската идентификација на Евсјуков и дека го претепала Ермаков.
Според „ОВД-инфо“, била повикана брза помош за лекување на Ермаков.
Протестниот чин се одржа додека Русија се подготвува за изборите закажани за септември.
Како одговор на напорите на опозицијата да го олабави владеењето на владејачката партија Единствена Русија поддржана од Кремљ, властите во последниве месеци започнаа огромна акција против сојузниците и поддржувачите на Навални, како и против независните медиуми.
Навални, кој е најгласниот домашен критичар на Путин, отслужува затворска казна од две ипол години за прекршување на условната слобода, за која тој рече дека е измислена. Неговата фондација е назначена како „екстремистичка“ организација.
Затворањето на Навални ги наруши односите на Москва со Западот, кој побара да биде ослободен и ја критикуваше екстремистичката ознака.