Собранието денеска со 78 гласа „за“, два против и еден воздржан усвои измени и дополнувања на Изборниот законик.
Законот беше донесен по скратена постапка, а беше поднесен од пратениците Јован Митревски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Бастри Бајрами, Сурија Рашиди и Борислав Крмов.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски во образложението на закнот рече дека зад предлогот стојат сите партии од мнозинството и од опозицијата е дека станува збор за измени кои произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР.
„Се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции“, рече Митревски.
Во рамки на 50-тата седница Собранието попладнево со 80 гласа „за“ го донесе и Законот за дополнување на Законот за облигациските односи, а пратениците и две законски решенија во прво читање и три автентични толкувања.