ИОМ бара алтернатива за притворите на балканската мигрантска рута

СРБИЈА - Група мигранти се одмараат на поле во близина на српското село Мајдан, близу границите на Унгарија и Романија. 21 мај 2021 година

Шефицата на мисијата во БиХ на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) Лаура Лунгароти денеска во Белград изјави дека владите на земјите од Западен Балкан треба да најдат алтернативни решенија за притворите за бегалците и мигрантите.

Лунгароти на прес -конференција на тема „Приведување мигранти на рутата Западен Балкан и алтернативи на притворот во земјите на Западен Балкан“ рече дека не е забележан поголем прилив на бегалци од Авганистан, но дека владите во регионот се подготвуваат за можна криза.

Таа истакна дека Меѓународната организација за миграција ќе продолжи да биде посветена на поддршката на сите земји членки, особено на Западен Балкан.

„Миграцијата нема да запре, интензитетот може да се промени, може да има подеми и падови во форма на бројки, но ова е феномен што нема да запре и владите мора да го интегрираат управувањето со нив во нивните политики“, рече Лунгароти.

Специјалниот претставник на Советот на Европа за миграција и бегалци, амбасадорот Драхослав Степанек, изјави дека ставот на таа организација е дека задржувањето на мигрантите и бегалците треба да биде последна опција и дека пред тоа треба да се применат што е можно повеќе алтернативи.

Тој посочи дека во Европа постои страв дека може да се случи нов прилив на мигранти како тој во 2015 година, но наведе дека верува оти сега сите се подобро подготвени.

„Се надевам дека ќе управуваме со ситуацијата на одржлив начин, но и во согласност со човековите права“, рече тој.

Гордан Пауновиќ од невладината организација „Инфо парк“ од Белград, која обезбедува помош за бегалците и мигрантите уште од големата бегалска криза во 2015 година, за Радио Слободна Европа во август изјави дека е нереално да се очекува бегалски бран како во 2015 година кога дневно во земјата влегуваа меѓу 3.000 и 10.000 луѓе.

Меѓутоа, тој додаде дека треба да се очекува настаните во Авганистан да имаат последици врз протокот на мигранти во Србија.

Откако Талибанците ја презедоа власта во Кабул на 15 август, десетици илјади луѓе се обидуваат да ги преминат границите со околните земји во потрага по безбедност.