Mинистерката за образование, Мила Царовска, смета дека за сега нема потреба учениците од настава со физичко присуство, да преминат на онлајн настава. Таа денеска убедуваше дека се следи состојбата, а ако има индикација да се промени сценариото за учење, тоа ќе се направи. Информираше дека вчера биле регистрирани 24 новозаразени ученици, но не посочи каде.
„Вчера новозаразени се 0.01 проценти. Што значи дека е помал бројот на новозаразени вчера во споредба со понеделникот. Епидемиолозите следат, тие дејствуваат врз основа на општина, регион. Досега нема индикација дека треба моделот да се менува. Кога ќе добиеме индикација, подготвени сме да постапиме. 240 илјади ученици се на училишта, а вчера процентот е 0.01, што е навистина низок број. Највисок интерес на учениците да бидат во училница“, изјави Царовска.
Министерката смета дека одењето во училиште е во интерес на учениците.