ЕУ интеграцијата и на Северна Македонија и на регионот не смее да продолжи да се одложува, било заклучено на денешната средба на германската канцеларка Ангела Меркел со македонскиот премиер Зоран Заев во Тирана.
Како што соопштија од владината прес служба, на билатералната средба со канцеларката Меркел, премиерот Заев ги изнел позициите на Република Северна Македонија во однос на потребата за забрзување на евроинтеграциските процеси и за што побрзо решавање на проблемот кој го наметна соседна Бугарија.
„Премиерот Заев нагласи дека единствен прифатлив предлог за нашата земја за надминување на блокадата на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ, со кој се почитуваат заложбите и на двете страни за унапредување на меѓусебните односи и за евроинтегративните процеси во регионот“, се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека канцеларката Меркел се согласила со владината делегација дека ЕУ интеграцијата и на Северна Македонија и на регионот не смее да продолжи да се одложува и дека постојаниот напредок е нотиран од страна на сите релевантни европски институции и меѓународни партнери на државата.
- Меркел од Тирана: Северна Македонија и Албанија ги исполнија условите за членство
- Заев во Тирана на средба со германската канцеларка Ангела Меркел
Премиерот Заев исто така се осврнал и на иницијативата „Отворен Балкан“ која се темели токму на принципите на функционирање на Европската Унија.
„Нам ни е потребно што е можно побрзо решавање на политичките пречки и интегрирање на Северна Македонија во ЕУ. Ние успешно ги завршивме нашите домашни задачи, но тоа не значи дека запираме тука, напротив секој ден работиме и се бориме за подобро утре за нашите граѓани“, истакнал премиерот Заев на билатералната средба со канцеларката Меркел.
Заев и Меркел разговарале и за трговската размена помеѓу двете држави и за дополнително унапредување на економските инвестиции во државата со оглед на поволната бизнис клима која ја прави Германија број еден трговски партнер на Северна Македонија во континуитет со години.
На средбата претседателот на Владата Зоран Заев се заблагодарил за личниот ангажман на канцеларката Меркел за нејзината севкупна посветена работа и непроценлив придонес за зајакнување на односите на СР Германија со Северна Македонија како и за нејзината поддршка и поддршката на нејзината земја на нашиот пат до членството во НАТО и во процесот за членство во ЕУ.