Талибанците ја поздравија ветената меѓународна помош

Амир Кан Мутаки, вршител на должноста министер за надворешни работи во новата влада на Авганистан

Талибанците денеска ја поздравија помошта од 1,2 милијарди долари што меѓународната заедница ја вети за Авганистан и ги повикаа Соединетите Држави да покажат поголема великодушност.

„Им благодариме и ги поздравуваме преземените мерки од околу 1 милијарда американски долари помош и ги повикуваме земјите да продолжат да даваат помош за Авганистан“, изјави Амир Кан Мутаки, вршител на должноста министер за надворешни работи во новата влада на Авганистан.

„САД е голема земја, тие треба да покажат дарежливост“, додаде тој на денешната прес -конференција.

Соединетите Држави, како дел од иницијативата на ОН, во понеделникот ветија околу 64 милиони долари за хуманитарните организации кои работат во Авганистан. За споредба, Вашингтон потроши 2000 милијарди долари за 20 години од почетокот на авганистанскиот конфликт.

"Исламскиот емират, како што Талибанците го нарекуваат Авганистан, им помогна на САД, олеснувајќи ја нивната евакуација. Но, наместо да им се заблагодарат, тие зборуваат за воведување санкции против нашиот народ", рече Амир Кан Мутаки.

Откако Талибанците дојдоа на власт на 15 август, Авганистан беше делумно заглавен, особено поради прекинот на финансиските текови од странски земји кои ја помагаа економијата погодена од долгогодишната војна.

„Исламскиот емират ќе направи се што може за да им ја пренесе таа помош на луѓето на кои им е потребна на потполно транспарентен начин“, додаде новиот авганистански шеф на дипломатија.

ОН во понеделникот соопштија дека земјите донатори ветиле вкупно 1,2 милијарди американски долари помош за Авганистан, без да прецизираат колку ќе бидат наменети како итна помош.