Лајчак во Косово на разговори за преговорите со Србија

Специјалниот пратеник на Европската унија за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак

Специјалниот пратеник на Европската унија за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак ќе допатува утре во Косово, на разговори во врска со спроведувањето на досегашните договори во рамки на дијалогот за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од Канцеларијата на ЕУ во Приштина се наведува дека Лајчак ќе престојува во земјата до петок, 17 септември, при што ќе се сретне „со политички челници, со парламентарци, претставници на меѓународната заедница, на бизнис-заедницата и медиумите, како и со млади“.

Посетата на словачкиот дипломат доаѓа неколку дена по последната рунда разговори што се одржа во Брисел на ниво на преговарачки тимови на Косово и Србија, по која тој објави дека нема приближување на ставовите од двете страни.

„Позициите по низа прашања и натаму остануваат оддалечени. Нè очекува многу работа во иднина“, напиша Лајчак на неговиот Твитер профил по трилатералната средба ЕУ-Косово-Србија, одржана на 8 септември.

Косово и Србија со посредство на ЕУ одржуваат средби на две нивоа. Едното е на преговарачките тимови, предводени од косовскиот вицепремиер, Бесник Бислими и директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Петар Петковиќ, а другото е на ниво на државни лидери, односно на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.