Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 50-та седница пред да биде изгласан нејзиниот дневен ред и ја презакажа за утре во 12 часот, откако претходно пратениците од опозицијата, рекоа дека денеска нема да учествуваат во работата на Парламентот, поради тоа што не беа ставени како точка на дневен ред нивните предлог-одлуки за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, а ниту пак од Владата беа доставени нивните оставки.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски му забележа на претседателот на Парламентот дека покрај нивните барања тој ја продолжил седницата како ништо да не се случило.
„Премногу е сензитивен моментот и сметам дека не треба да си играме со вакви работи, особено со оставки дадени од морални причини. Ние како законодавен дом да не учествуваме во циркусот кој премиерот Заев решил да го прави во овој период“, рече Мицевски.
„Ние како пратеничка група бидејќи не се почитуваат барањата на опозицијата, бидејќи не се почитува Деловникот и Уставот од страна на Владата кои што се должни да ги испратат тие материјали до Собранието, веднаш во рокови утврдени со Деловникот како што се дадени во основ на оставките во моментот кога се депонирани да бидат испратени до Собранието. Тоа не е испочитувано, ќе продолжи власта да си игра со јавноста, а моментов не е за игра. Од таа причина ние како пратеничка група на денешната седница ќе го искажеме нашиот револт и нема да учествуваме за денес во расправата и утврдувањето на Дневниот ред во точките на овој закон. Нема да прифатам ама никакво обвинување на опозицијата, за било какво обвинување дека ги кочиме процесите сите, или одредени закони кои што чекаат или треба да бидат во процедура, за тоа што сметам дека првично морално и безусловно требаше да биде констатација на оставките дадени од морална причина“, заклучи Мицевски.
- Зошто за оставки од морални причини, се чека истрага за кривична одговорност?
- Заев: Одлука за оставката на Филипче врз основа на експертскиот извештај
- Мицкоски даде рок до вторник за разрешување на Филипче и Хасани
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски во процедурална забелешка рече дека министерот за здравство секогаш бил коректен со нив и оти по излегувањето од салата многу од нив ќе му се јават да му се извинат.
„Не е фер кон јавноста. Денеска има точки на дневен ред кои се во интерес на граѓаните, како законот за облигациски односи, со кој побаравме каматите да не бидат поголеми од јавниот долг. Вие денеска ја напуштате седницата, токму кога на дневен ред има таква точка“, рече Митревски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери пак образложи дека пратениците од опозицијата решиле од „совест да не учествуваат во работа за која се платени“.
„Оставете ја совеста. Нема јас да ја оценувам таа совест туку граѓаните на 17 октомври. Второ, по „Фејсбук“ статуси повикуваат на мојата совест, затоа овде ќе кажам, покажете ја сликата на совеста. Денеска двајца пратеници од мнозинството се спречени да дојдат на работа од здравствени причини едниот во изолација поради член во семејството, а другиот со таква дијагноза на болест за што не знаме каков ќе биде крајот и резултатот на контролата, тие одлучиле поради совест да не бидат на работа денеска. А јас сум должен и за денеска да ги платам“, рече Џафери и ја прекина седницата, презакажувајќи ја за утре во 12 часот.
Филипче поднесе оставка до премиерот Зоран Заев на 10 септември, два дена по пожарот во ковид центарот во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Премиерот Зоран Заев кажа дека за оставката на Филипче ќе одлучи откако ќе ги види фактите од истрагата за пожарот.