На Кипар 80 отсто од населението вакцинирано со една доза

Плажа во Кипар

Со една доза од вакцината се имунизирани 80 отсто од граѓаните на Кипар, а во следните две до три седмици, процентот на целосно вакцинирани ќе достигне до 80 отсто, рече министерот за здравство на Кипар Михалис Хаѕипанделас.

Во писмената изјава, Хаѕипанделас вели дека „благодарение на одговорноста и на позитивниот одѕив на мнозинството од граѓаните добиена е уште една битка во војната со пандемијата“.

„Колективниот напор го рангира Кипар меѓу земјите членки на Европската унија кои ја достигнаа и ја надминаа поставената цел на европско ниво. Високата стапка на имунизациска покриеност нè исполнува со задоволство и ни дозволува да бидеме оптимисти дека во пресрет на зимската сезона ќе имаме поголема безбедност и заштита од вирусот што го измачува човештвото во последните 20 месеци. Во исто време, нашите напори се континуирани и се интензивираат. Колку е повисока покриеноста со вакцината, толку поблиску ќе стигнеме до нашата цел да обезбедиме економијата и општеството да останат функционални и дека нема одново да живееме строги рестриктивни мерки“, вели министерот за здравство на Кипар во писмената изјава.