Симовски: Пописот се одвива успешно и така и да заврши

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Пописот се одвива со посакуваниот интензитет, без проблеми и се надевам дека успешно ќе заврши во планираниот рок, изјави на денешната прес-конференција, директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.

Според него, само вчера биле попишани точно 93.235 лица, 23.491 домаќинства и 40.155 станови. Односно вкупно до сега се попишани над 512.000 граѓани. Во ДЗС, како што кажа, задоволни се и од темпото на попишување и од работата на попишувачите.

Во врска со одбивањата на некои граѓани да се попишат, Симовски рече дека одбивањата се незначителни, дека со тие граѓани се разговара и голем дел од нив се согласувале да се попишат.

Видете и ова: Кога технологијата паѓа расте недовербата во институциите


„Бројот на одбивања е исклучително мал, очекувам денес да имаме точен број. Но, таму каде што има првично одбивање, одиме повторно и разговараме и досега најчесто тие граѓани се убедуваат најчесто и се попишуваат“, изјави Симовски.

Тој додаде дека досега не се применуваат никакви санкции и се надева дека ќе ги убедат тие граѓани дека пропагандата против спроведување на пописот е систем на дезинформации и целта е сосема друга. Според него, негативната кампања за пописот ја имаше и ја има цело време, не престанува, но граѓаните не наседнуваат на оваа кампања.