Папата во Словачка - Се уште демне закана од антисемитизам

Папата Франциск во посета на Словачка

Папата Франциск за време на посетата на Словачка посети поранешна еврејска населба во Братислава. Тој рече дека чувствува срам поради смртта на десетици илјади словачки Евреи во Холокаустот, а претходно предупреди и дека се уште демне закана од антисемитизам во Европа и пошироко.

„Тука, на ова место, името на Бога беше обесчестено“, рече папата, зборувајќи пред спомен обележјето на Холокаустот, изграден на местото на урната синагогата за време на комунизмот.

Папата пристигна во Словачка на 12 септември по кратката посета на Унгарија. Ова е прва папска посета на Словачка по 18 години.

Според агендата, папата ќе се сретне со словачката претседателка Зузана Капутова и со политички, верски лидери, како и со претставници на граѓанското општество.

Три дена пред доаѓањето на папата, словачката влада за првпат се извини за улогата што ја имал режимот поддржан од нацистите за време на Холокаустот.

„Словачкиот кабинет чувствува морална должност јавно да изрази жалење за злосторствата извршени од тогашната владејачка власт“, се вели во соопштениеото на словачката влада.

Според наредбите на тогашната влада на чело со Јозеф Тисо, католички свештеник, речиси 100.000 словачки Евреи биле депортирани и убиени. Заедницата сега брои само околу 2.000 луѓе.