Пендаровски - Не се водат преговори со месеци, Софија до Скопје не доставила никаков документ

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев на Седница на Советот за безбедност

Со Република Бугарија со месеци наназад не се водат никакви преговори и поради тоа од Софија до Скопје не е доставен никаков документ, соопштуваат од Кабинетот на претседателот на државата, во врска со таканаречениот нон-пејпер кој беше објавен денеска во медиумите.

Во медиумите се појави наводен нон пејпер за решение на спорот со Бугарија. Во документот што го објави ТВ Клан се предлагаат двојни принципи, што ќе им овозможат на двете страни сопствена интерпретација на историските настани. Во документот се предлага и Бугарите да се внесат во македонскиот Устав. Според објавениот документ на Република Бугарија ќе и се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува, ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност.

„Ставот на претседателот Стево Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина“, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Од Владата велат дека за нив официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската унија.

„Сметаме дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни“, велат од Владата во одговор за МИА дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.

Коментари за наводниот документ не даде ниту специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.