Лајчак - Македонско-бугарскиот спор негативно влијае врз соседите

Специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Блокадата на Северна Македонија поради спорот со Бугарија лошо влијае врз соседните земји, изјави специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, јави дописничката на МИА од Брисел.

Лајчак и заменик претставникот на Стејт Департментот на САД за Европа, Габриел Ескобар, денеска одговараа на неколку прашања во рамки на конференцијата организирана од страна на Европскиот центар за политика.

Лајчак одговарајќи на прашањето како гледа на блокадата на Северна Македонија за почеток на пристапните преговори, рече дека ситуацијата има негативни последици врз дијалогот помеѓу Белград и Приштина и повика на брзо решавање на спорот.

„Фактот што Северна Македонија не отвори преговори со ЕУ негативно го погоди кредибилитетот на ЕУ во регионот, јас со ова лично се соочив за време на моите посети и патувања, и нема да се подобри сѐ додека Северна Македонија и Албанија не започнат со преговорите“, изјави специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан.

Претставникот на САД, Габриел Ескобар, на денешната дискусија во Брисел, уште еднаш ги повика земјите членки на ЕУ да изнајдат решение за Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.