Четирите средни училишта во Гостивар чекаат на одобрение од Комисијата за заштита од заразни болести, која треба да донесе одлука дали средношколците од среда ќе се вратат на настава со физичко присуство. Почетокот на наставата со физичко присуство за нив беше одложен за две недели, заради лошата епидемиолошка состојба во општина Гостивар. Од локалната самоуправа изразуваат оптимизам дека наскоро ќе има редовно одвивање на наставата, бидејќи се намалуваат бројките на новозаразени.
Во секторот за образование на општина Гостивар оценуваат дека состојбата по последниот бран на пандемијата е подобрена и испратиле барање до Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести за насоки околу организирањето на наставата.
„Чекаме информации од МОН и Комисијата за заразни болести со насоки дали во среда ќе почне наставата за средношколците или евентуално од наредниот понеделник. Со оглед на состојбата, сметам дека учениците треба да се вратат во училишните клупи“, вели Аслијан Снопче одговорна во секторот за образование.
Во основните училишта во Гостивар, кои ја започнаа новата учебна година со физичко присуство, има девет наставници и двајца ученици заразени со коронавирус, а две паралелки се изолирани.
Задоволителна епидемиолошка слика има во детските градинки и засега нема случај на заразени помеѓу персоналот и децата. Единствена промена е што бројот на групите е зголемен од досегашните 20 на 25 деца, што е направено со одлука на ресорното министерство.