Работна група ќе го „чешла“ системот за управување со кризи

Седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија во Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски

Република Северна Македонија, како членка на НАТО, покажа подготвеност и ги понуди своите капацитети за прифаќање на лицата од Авганистан, констатирале присутните на денешната седница на Советот за безбедност. Седницата се одржа во Кабинетот на Претседателот. На неа се разговарало за лицата од Авганистан прифатени на македонска територија и поставеноста на системот за управување со кризи.

Надлежните министри и претставниците на институциите информираа за досегашните активности за згрижувањето на прифатените лица од Авганистан, за кои се направени сите неопходни безбедносни проверки и за кои се изработени безбедносните протоколи за нивен престој во државата, соопштија од Кабинетот на претседателот на државата.

Во однос на втората точка на дневниот ред, Советот за безбедност и предложи на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи. Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен.

Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Стево Пендаровски на седницата присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров.