ОЈО Тетово собира документи за расчистување на пожарот во модуларната болница

Еден ден после пожарот во модуларната ковид болница во Тетово каде загинаа 14 лица

Основното јавно обвинителство Тетово работи на расчистување на трагичниот настан во модуларната ковид болница во Тетово, во кој настан загинаа 14 лица. Од ОЈО Тетово информираат дека побарале документи од институции, од Клиничкиот центар во Тетово, од полицијата, документи за градба на болницата, елаборати, за да утврдат што се случило вечерта на 8 септември.

Од Министерството за здравство ОЈО побарало да се предаде целокупната документација за изградба на модуларната болница во Тетово. Од Обвинителството во Велес е побарано од правно лице во Велес, да се одземе целокупната документација по однос на градбата на модуларната болница во Тетово. Од Клиничката болница во Тетово, ОЈО побарало да достави дали има изготвено елаборат за складирање на хемикалии и горива, да се достави План за електрична инсталација на модуларната болница и елабортот за снабдување со кислород.


„ЕВН Македонија“- КЕЦ-Тетово треба да достави план за целокупната електрична инсталација за модуларната болница.

Инспекторите за компјутерски криминал во тетовската полиција треба да обезбедат снимки објавени на социјалните мрежи, со акцент за обезбедување на снимките во текот на пожарот, да се достават службени белешки или евентуално записници за обавените разговори на критичниот ден, обезбедување листа на членови на семејствата, како и на починатите лица, како и од пациентите болни од Ковид-19 кои биле евакуирани.

Во соопштението од ОЈО се вели и дека доставено наредба да се обезбедат документи и податоци за лицето кое било одговорно за раководење со изградбата, лицето кое имало овластување за надзор на градбата на модуланата болница, да се достави извештај дали е извршен технички прием и доколку е извршен – кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за модуларните болници изградени во Република Северна Македонија.

Исто така, издадена е и Наредба за градежно вештачење до Градежен институт „Македонија“, за да се подигнат примероци од опожарениот вграден градежен материјал.

Истовремено, обвинителството, информираат од ОЈО, продолжува да сослушува сведоци и лица кои даваат потребни известувања, по однос на трагичниот настан.