Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска изјави дека на народот во Авганистан му е потребен спас. Тој говореше на донаторската конференција за Авганистан што денеска започна во Женева, Швајцарија. На состанокот присуствуваа околу 40 министри од владите ширум светот. Целта на конференцијата е да се соберат 600 милиони американски долари за Авганистан, за да се избегне хуманитарна криза во земјата зафатена со војна, откако талибанците ја презедоа власта минатиот месец.
„По децении војна, страдање и несигурност, тие се соочуваат можеби со најопасниот час“, рече шефот на ОН. Тој додаде дека основните услуги во Авганистан се пред колапс.
Според ОН, Авганистан се соочуваше со суша, раселување и хуманитарна криза дури и пред талибанците да ја соборат владата во Кабул, која беше поддржана од Запад. Половина од населението во земјата зависи од помошта што има ја дава ОН.
Многу земји изразија подготвеност да обезбедат хуманитарна помош, но постои загриженост дека стотици милиони долари ќе им се дадат на талибанските милитанти, кои сега ја контролираат земјата. Дел земји предлагаат да се направат строги услови за донации.