Затвореници во затвор во Сибир започнаа масовен штрајк со глад во знак на протест против смртта на двајца затвореници и против раширената злоупотреба на правата во објектот, вклучително и за тортура.
Два извори блиски до локалниот казнено-поправен систем во регионот Иркутск, за Радио Слободна Европа денеска рекоа дека затворениците во Поправната колонија број 2 (ИК-2) започнале штрајк со глад, тврдејќи дека се соочуваат со редовни тепања од рацете на затворските чувари, како дел од системот на редовна злоупотреба.
Извештај од Федералната казнено-поправна служба (ФСИН) до обвинителот што ги надгледува казнено-поправните домови, од кој РСЕ доби копија, ја потврдиува смртта на затворениците на 7 септември и 9 септември, додека најмалку уште 10 случаи на употреба на сила против затвореници биле регистрирани во затворот минатата недела.
Водачот на групата за човекови права „Гулагу.нет“ Владимир Осечкин за РСЕ изјави дека тој и неговите колеги добиле внатрешна документација од ИК-2, во која се гледа дека затворениците редовно биле соблекуваат голи, тепани, врзувани со лисици на рацете и влечени по подот.
„Затворениците одржуваат масовен протест против постојаното малтретирање и тортура (во казнено поправниот дом)“, рече Осечкин.
Некои роднини на затворениците, исто така, потврдија дека затворениците штрајкуваат со глад поради редовното тепање и смртта на двајцата мажи.
Службениците на ФСИН во регионот Иркутск не одговорија на телефонските повици на РСЕ и на писмените барања за коментар за ситуацијата.
Затворениците во руските затвори честопати започнуваат масовни штрајкови со глад или самите се осакатуваат во знак на протест против бруталноста извршена од стражарите или за злоупотреба на нивните права.