Министерот за транспорт и врски на Македонија Благој Бочварски и неговите колеги од земјите на Западен Балкан денеска во Белград го потпишаа документот „Посветеност на Железницата“, со кој се предвидува изградба на модерна дигитализирана железничка мрежа, со директни експресни возови кои ќе ги поврзуваат градовите во регионот.
Како што пренесува МИА, проектот треба да придонесе за воспоставување на подобра поврзаност, сигурен транспорт за деловни и приватни патувања на Западен Балкан и одржлива животна животна средина.
Документот беше потпишан на Самитот во организација на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ОБОР).
Во документот развојот на железничкиот транспорт е наведен како врвенприоритет.
„Мораме да продолжиме да работиме со уште посилно темпо и динамика на Коридорот 10 и Коридорот 8. За овој коридор очекувам дека на почетокот на 2022 ќе имаме градежни зафати, ќе имаме избрано изведувач кој ќе започне со изработка на проект во износ од 200 милиони евра, кој ќе значи развој на овој Источен крак од Коридорот 8“, рече Бочварски.
Железниците во Македонија со години се со застарена инфраструктура и возови, а јавното претпријатие Македонски Железници Транспорт е загубар со долг кон државата од десетици милиони евра.
Потпретседателката на ЕИБ за Западен Балкан Љиљана Павлова изјави дека земјите „не смеат да ја пропуштат“ да инвестираат во своите железници, а дека ЕУ и ЕИБ заедно ќе дадат подршката во вид на структурни финасиски средства за развој на железницата и одрживлиот, зелен, безбеден облик на транспорт.