Продолжува судењето на поранешниот израелски премиер Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја напушта судницата за сослушувањето на судењето за корупција во Окружниот суд во Ерусалим. 5 април 2021 година.

По тримесечна пауза денеска продолжува судењето за корупција на поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху.

На судењето денеска имаше вкрстено испрашување на поранешниот директор на веб-страницата Вала, Илан Јешуа.

Нетанјаху, кој сега е лидер на опозицијата, не дојде на сослушувањето во Окружниот суд во Ерусалим, бидејќи му беше дозволено да не присуствува.

Според известувањето на израелските медиуми, Јешуа е првиот и главен сведок во таканаречениот „Случај 4000“ во кој поранешниот премиер е обвинет за злоупотреба на службената положба додека бил премиер и министер за комуникации од 2014 до 2017 година.

Адвокатите на Нетанјаху се надеваат дека ќе докажат оти тој не добивал посебен третман во извештаите на веб-страницата.

Нетанјаху е обвинет дека ја искористил својата позиција за незаконски да придонесе за деловните интереси на Саул Еловиќ - главниот акционер во телекомуникацискиот гигант Безек.

За возврат, Еловиќ наводно обезбедил поволно известување за Нетанјаху и за неговото семејство на веб -страницата на компанијата и дозволил на соработниците на тогашниот премиер и членовите на неговото семејство да влијаат врз содржината на уредништвото и политиката на страницата.

Одбраната се обидува да докаже спротивно на она што го тврди главниот сведок, дека наредбите не доаѓале само од Нетанјаху, туку и од други политичари, бизнисмени и компании.

Адвокатите на одбраната тврдат дека не им биле дадени сите снимки од разговорот од телефонот на поранешниот директор на веб -страницата и побараа повеќе време за да ги подготват сите потребни докази, па судењето беше одложено за три месеци.