Талибанците им дозволија на жените во Авганистан да студираат на универзитети, но во училници поделени по пол. Жените ќе мора да го почитуваат исламскиот кодекс на облекување кој ќе биде задолжителен. Ова денеска го изјави на прес конференција член на талибанската администрација Абдул Баки Хакани на која ги презентираше новите владејачки политики на администрацијата која е сочинета само до мажи.
Западните земји внимателно ги следат настаните во Авганистан за да утврди до кој степен Талибанците би можеле да дејствуваат поинаку од нивното владеење во доцните 1990 -ти.
Во време на нивното владеење на девојчињата и жените им беше ограничена можноста за образование и беа исклучени од јавниот живот. Талибанците во нивните досегашни јавни настапи посочуваа дека се промениле вклучително и во нивниот став кон жените.
Хакани кој е задолжен за секторот образование на прес конференцијата истакна дека Талибанците не сакаат да го вратат часовникот 20 години назад.
„Ќе почнеме да градиме врз постоечкиот темел“ изјави тој.
Тој во својата изјава посочи дека за студентките ќе биде задолжително носење на хиџаб, но не дефинираше дали тоа значи само марама која ја прикрива косата или пак станува збор за марама со која се покрива целото лице освен очите. Тој додаде дека таму каде што не се достапни женски предавачи за одредени предмети ќе бидат дозволени машки предавачи кои ќе ги оддржуваат предавањата под специјални мерки за полово одвојување.