Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека дава рок до вторник рано претпладне, министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани да ги достават своите оставки до Собранието, за да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден. Тој на денешната прес конферениција посочи дека доколку не бидат поднесени овие оставки до тој рок, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието предлог-одлука за нивно разрешување.
Мицкоски вели дека министерот Филипче, оставката требало да ја поднесе во Собранието, а не до премиерот Зоран Заев.
„Министерот за здравство поднел оставка до премиерот, а не до институцијата која го избрала, а тоа е Собранието, кое и треба да ја констатира поднесената оставка“, изјави Мицкоски, оценувајќи дека моралната одговорност не исклучува и кривична одговорност.
Мицкоски изјави дека по пожарот во модуларната болницата во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, останале многу неразјаснети работи.
„Овој пат нема да поднесеме интерпелација, затоа што не сакаме овој пат интерпелацијата да ја доживее судбината како изминатите интерпелации коишто беа подесувани во минатото и никогаш не стигнаа да бидат точка на дневен ред и практично да ја преполнат фиоката на Талат Џафери“, рече Мицкоски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Мицкоски неодамна повторно изјави дека прави обиди за обезбедување мнозинство во парламентот, а денеска рече дека тоа ќе зависи и од тоа дали ќе добијат поддршка од другите пратенички групи за предлогот за разрешување на Филипче и Хасани, доколку сами не ги поднесат оставките.
Претходно во писменото обраќање до јавноста, премиерот Заев најави дека во текот на следната недела, во, како што вели, првиот момент откако експертската истрага ќе покаже нов посериозен напредок, ќе ги соопшти ставовите на Владата, базирани на фактите од истрагата и на прес-конференција ќе одговари на сите прашања од медиумите.
„Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“, се вели во обраќањето на Заев.
Во пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, кој се случи на 8 септември, загинаа 14 лица, а повеќемина беа повредени. Опозицијата и дел од јавноста веднаш побараа оставки и одговорност од целата Влада, по што следеа понудија оставките од морални причини од министерот и заменик министерот за здравство, како и од двајцата директори на Тетовската болница.