Директорите на јавните здравствени установи со поддршка за Филипче

Архивска фотографија - Министерот за здравство Венко Филипче при посета на една од болниците во Скопје

Директорите на Јавните здравствени установи (ЈЗУ) во земјава испратија писмо до премиерот Зоран Заев во кое наведуваат дека не ја прифаќа понудената оставка на министерот за здравство д-р Венко Филипче и посочуваат дека му даваат безрезервна поддршка да продолжи да ги води. Тие велат дека, покрај многуте позитивни работи што Филипче ги направил во македонското здравство, тој го го вратил дигнитетот на професијата лекар.

„Почитуван премиер, не сме имуни на болката по изгубениот живот, иако работиме во систем каде секојдневно се спасуваат и гаснат човечки животи. Болката ја носиме со себе. И Тетово е болка на сите нас. Изразуваме длабоко сочуство до семејствата и до најблиските на починатите. Нашите мисли се со нив и нема зборови со кои може да ги утешиме... Триесетина пациенти денес се борат да преживеат. Се лекуваат во систем кој го постави и секојдневно го менаџира заедно со сите нас д-р Венко Филипче. Тој е всушност столбот на овој систем, систем кој докажа дека спасува животи.“, стои во писмото од директорите.

Министерот Филипче вчера му понуди оставка на премиерот Заев, како морална одговорност за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Опозицијата поради пожарот побара оставка и од премиерот Заев, како и кривична одговорност на власта.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа на ова писмо до премиерот Заев.

„Писмото на директорите на ЈЗУ за спас на Венко, е писмо за спас на нивните директорски фотелји во ситуација кога и Филипче, и Артан, и Заев треба да си дадат оставки“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на писмото на ЈЗУ.