Вкупно 14 дрвја симболично беа засадени денеска на плоштадот Илирија во Тетово, во знак на почит кон загинатите во пожарот кој избувна во тетовската модуларна ковид болница на 8 ми септември.
Покрај симболичното садење дрвца, група граѓани се собраа на марш низ тетовските улици во чест на жртвите. Тие маршираа до модуларната болница каде положија цвеќе за починатите.
Дел од организатори беа и навивачите на тетовскиот фудбалски клуб Шкендија, кои самите се нарекуваат Балисти.
„Ние сме навивачи, ова не е протест, не е политички мотивиран, туку само мирен марш за почит кон загинатите во пожарот“, изјави Башким Идризи од навивачката група „Балисти” кои ја покренаа иницијативата за маршот преку социјалните мрежи.
Во пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, кој избувна на 8 септември, загинаа 14 лица. Истрагата за причините се уште е во тек. Опозицијата и дел од јавноста бараат оставка од целата Влада, како и нивна кривична одговорност.
Министерот за здравство, Венко Филипче, неговиот заменик и директорите на Тетовската болница поднесоа оставки од морални причини. Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека за одговорноста и за оставките ќе одлучи откако ќе заврши истрагата за пожарот.