Премиерот Зоран Заев денеска преку соопштение информираше дека ги примил оставките на министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик и директоот на тетовската болница, но за тоа дали ќе ги прифати ќе одлучи откако ќе заврши истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово.
„Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик-министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи. Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот. Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага“, вели Заев во писменото обраќање до јавноста.
Видете и ова: СДСМ: Филипче е пример за одговорен политичарТој додава дека одговорност има и ќе има, како што велчи, „јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“.
„Огромни се тагата и жалоста низ кои поминуваме овие денови заедно со семејствата и блиските на загинатите при несреќата во тетовскиот ковид-центар. Истражните и правосудните органи спроведуваат исклучително темелна, професионална и брза истрага која мора да ги утврди до детаљ причините за избувнувањето на смртоносниот пожар. Кон стручноста и кредибилноста на истрагата ќе придонесат и форензичарите од Германската федерална криминалистика, за што веќе се реализираат подготвителни извидувања и активности и за што упатувам огромна благодарност до нашиот НАТО сојузник, Германија“, вели Заев.
Тој им се заблагодарува на сите чинители кои во исклучително краток рок спасија човечки животи, обезбедија сериозни информации и анализи при истрагата, обезбедија врвна стручна странска експертиза, покажаа огромно чувство на солидарност и сочувство и демонстрираа највисоко ниво на одговорност.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ бара оставка и од Заев за да се гарантира независна истрагаВо пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, кој се случи на 8 септември, загинаа 14 лица, а повеќемина беа повредени. Опозицијата и дел од јавноста веднаш побараа оставки и одговорност од целата Влада, по што следеа оставките од морални причини од министерот и заменик министерот за здравство, како и од двајцата директори на Тетовската болница.
Матичната партија на министерот Филипче, СДСМ, застана зад својот член да не се повлекува од функцијата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара и кривична одговорност од членовите на Владата.