Економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми поднесе оставка по пожарот во ковид центарот во кој загинаа 14 лица.
„Чувствувајќи ја длабоката болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин. Јас верувам на принципот дека истражните тела и меѓународно ангажираните експерти ќе ја откријат вистинската причина за тоа како настана трагедијата што се случи во модуларниот центар и која ги скрши нашите срца. Ја споделувам болката со роднините на жртвите“, порача Етеми.
Оставка поднесе и директорот на болницата Фљорим Бесими. Во пожарот во ковид центарот во Тетово загинаа 14 лица. Во моментот на несреќата во просториите имало вкупно 26 лица. Истрагата се уште трае.