Директорот на болницата во Тетово поднесе оставка

Модуларната болница во Тетово која ја зафати пожар во кој загинаа 14 лица.

Директорот на Клиничката болница Тетово, Фљорин Бесими поднесе оставка од функцијата по пожарот во модуларната болница во Тетово во која загинаа 14 лица.

„Како доктор, кој цел мој професионален живот сум го посветил во лекување на моите сограѓани и како прв човек одговорен во Клиничката болницата во Тетово, со која раководам последниве години, чувствувам морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи. Почитувани, со голема тага за секоја жртва и за секој член на нивното семејство, Ве информирам дека, поради оваа морална одговорност која ја чуствувам, давам оставка од раководното место директор на Клиничката болница Тетово. После овој трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна.“, напиша Бесими на Фејсбук.

Тој притоа изразува надеж дека што побрзо ќе заврши истрагата и ќе се утврдаат причините за пожарот.

„Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе постави една морална линија, која сите како општество сме ја заборавиле. Загубата на човечки живот во една ваква состојба е голема трагедија. Функцијата не е пред достоинството и човечноста“, додава тој.

Бесими притоа им посака на повредените побрзо да закрепнат, а изрази и почит и сочувство до семејствата на загинатите и кон граѓаните на Тетово.

Во пожарот во ковид центарот во Тетово загинаа 14 лица. Во моментот на несреќата во просториите имало вкупно 26 лица. Истрагата се уште трае.