Русија соопшти дека ја завршила изградбата на контроверзниот гасовод „Северен тек 2“, откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во мај се согласи да се откаже од санкциите на Конгресот против проектот поддржан од Кремљ.
Алексеј Милер, главен извршен директор на рускиот државен енергетски гигант Газпром денеска објави дека гасоводот кој е составен од две паралелни линии со должина од по 1.230 километри е завршен по повеќе од една година задоцнување предизвикано од американските санкции.
„Северен тек 2“ ќе го пренасочи извозот на руски природен гас во Германија под Балтичкото Море, заобиколувајќи ја Украина и лишувајќи го Киев од дури 2 милијарди долари годишно за транзитни такси. Украина жестоко се противи на проектот, кој го нарекува безбедносна закана.
Конгресот на САД донесе санкции во 2019 и 2020 година за да го запре завршувањето на „Северен тек 2“, кој првично беше планирано да започне со работа минатата година. Сепак, администрацијата на Бајден во мај се откажа од некои санкции во обид да ги поправи односите со Германија, клучен сојузник на САД.
„Северен тек 2“ треба да биде сертифициран и одобрен за употреба пред да започне со извоз на природен гас во Германија. Сертификатот се очекува да трае до четири месеци, но ќе започне само откако ќе заврши целата документација, што подразбира проверки од германското Министерство за економија и Газпром.
Портпаролот на кабинетот на украинскиот претседател, Серхиј Никифоров рече дека Киев ќе продолжи да се противи на „Северен тек 2“ пред и по неговото завршување, па дури и откако ќе почне со испорака на гасот.