Експерти од германската криминалистика вклучени во истрагата за пожарот во Тетово

Претседателот Стево Пендаровски во посета на опожарената модуларна болница во Тетово

Германија утрово ја потврдила својата поддршка во однос на истрагата за пожарот кој ја зафати модуларната болница во Тетово, информираат од Владата.

Нашите власти одобриле во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи, за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот.

„Станува збор за експертски тим кој доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт или Федералната криминалистичка полиција, чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК-анализи, електронски истраги и идентификација“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Во специјалните задачи кои ги работи БКА е и тим кој работи на истраги со жртви во катастрофи и несреќи. Станува збор за институција која во Германија има 60-годишна традиција на дејствување, со околу 7.000 вработени. Тимот експерти ќе соработува со МВР и ќе ја помага истрагата која ја води ОЈО.