Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска рече дека постои можност за сеопфатна војна со соседна Русија, но и дека сака да оствари конкретна средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Запрашан на самитот на Европската стратегија за Јалта , дали навистина може да има конфликт со Русија, која го презеде полуостровот Крим од Украина во 2014 година и ги поддржува проруските сепаратисти во источна Украина, Зеленски рече:
„Мислам дека може да дојде.Тоа е најлошото што може да се случи. За жал, таа можност постои", додаде тој.
Официјален Киев тврди дека 14.000 луѓе загинале во конфликтот во источна Украина од 2014 година.
Зеленски додаде дека односите со САД се подобрени, но изрази жалење што Украина не доби јасен одговор на нејзиното барање за влез во НАТО, потег што може да ја налути Москва.
„Не добивме директен став за приемот на Украина во НАТО. Украина е подготвена долго време“, рече тој.
Според Зеленски непристапувањето на Украина ќе го ослабне НАТО додека Русија ги продолжува своите игри со својот сосед.
Тензиите меѓу Киев и Москва пораснаа претходно оваа година, бидејќи борбите во источна Украина се засилија. Тогаш Русија распореди повеќе војници во близина на границата.