Јавното обвинителство денеска соопшти дека дејствијата кои ги преземаат петтемина обвинители за утврдување на причината за настанување на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, во континуитет продолжуваат.
Од ОЈО посочуваат дека биле донесени наредби за вршење на судско-медицинска обдукција и идентификација на телата на починатите до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје.
„Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани,“ се вели во соопштението од ОЈО.
Од Обвинителството посочија дека причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини, се истражува.
„Обвинителството презеде мерки за обезбедување на видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот“, додаваат од ОЈО.
Како што инфрмираат од Обвинителството сослушани се дел од сведоците од местото на настанот и дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во Модуларната Ковид Болница ноќта кога е избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар.