ВМРО-ДПМНЕ: Без оставка на Заев и Филипче нема објективна истрага

Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска рече дека потребна е неутрална и објективна истрага и лоцирање на целосна одговорност за вчерашниот пожар во модуларната ковид болница во Тетово при што загинаа четиринаесет луѓе.

„За жал без оставка на Зоран Заев и Венко Филипче кои што можат да влијаат на истрагата нема да биде можна непристрасна и објективна истрага. Во овој случај доколку не дадат оставка Зоран Заев и Венко Филипче ќе истражуваат за пропустите на Венко Филипче и Зоран Заев. Класичен апсурд“, рече Арсовски.

Неговата изјава следуваше по прес конференција на министерот за здравство Филипче кој во своето прво обраќање по синоќешната трагедија рече дека од одговорност ниту бега, ниту ќе бегал, но дека чека да заврши истрагата.

„По завршувањето на истрагата ќе ја донесам одлуката дали ќе поднесам оставка. Навистина тешко може да го опишам чувството и сочувството кое што го имам со семејствата. Не бегам ниту од одговорноста на наодите на истрагата, ниту од моралниот аспект, но нека заврши истрагата“, рече Филипче.

Инаку четиринаесет загинати во пожарот се на возраст од 29 до 79 години. 12 пациенти кои биле во модуларната болница сега се хоспитализирани во болницата во Тетово и се во стабилна здравствена состојба, а како што рече Филипче, нема починати здравтсвени работници.

Владата денеска донесе одлука да прогласи тридневна жалост и одлучи да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово.