Директорот на американската разузнавачка агенција ЦИА Вилијам Барнс во Исламабад ,главниот град на Пакистан разговараше за безбедносната ситуација во Авганистан со првите луѓе на пакистанската армија и военото разузнавање. Барнс се сретнал со генералот на војската Ќамар Џавед Бајва и со првиот човек на разузнавањето генералот Фајз Хамед, соопшти пакистанската служба за односи со јавноста.
“Беше повторено дека Пакистан останува подготвен да соработува со меѓународните партнери за мирот во регионот и за осигурување на стабилна и просперитетна иднина за авганистанското население“, се наведува во соопштението.
Пакистан одамна е обвинуван дека ги поддржува авганистанските талибанци што Исламабад го негира. Посетата на пакистанскиот генерал Хамед викендов на Кабул, пред објавувањето на владиниот талибански кабинет, дополнително ги отвори прашањата за улогата на Пакистан во соседната земја.
Во видео објавено на социјалната мрежа Твитер се гледа како Хамед во хотел во Кабул им одговара на насобраните новинари на прашањето која е неговата надеж за Авганистан. Генералот на тоа одговара „се ќе биде добро, не се грижете за тоа“.