Компанијата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници Брако се огласи со соопштение по информациите во дел од медиумите и обвинувањата на опозицијата за неквалитетна изработка. Во соопштението е наведено дека „БРАКО ДОО“ изразува најдлабоко сочувство за вчерашната трагедија во Тетово и ги отфрла како шпекулации информациите во некои медиуми дека има каква било поврзаност со несреќата во модуларната болница. Компанијата тврди дека оној дел од работите кои биле нејзина одговорност при изградбата, се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Воедно ги повикува истражните органи, побрзо да ги расчистат околностите кои доведоа до овој трагичен настан.
„Во интерес на објективно информирање на јавноста, сакаме да потенцираме дека оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската Банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика,“ се наведува во соопштението од компанијата Брако.
До оваа реакција од компанијата доаѓа откако медумите потсетија на изјавата пред неколку месеци, на економскиот директор на болницата, кој реагираше на одредени неправилности при изградбата, за кои бараше да се санираат, па дури потоа болницата да се пушти во употреба.
Економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми, побара од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, иако претходниот ден имало примопредавање на објектот од страна на фирмата изведувач, Министерството за здравство и Клиничката болница. Но, уште тогаш во април годинава Етеми изјави дека грешките биле ситни.
Според компанијата, забелешките кои се појавиле при техничкиот прием и кои се спомнуваат од некои медиуми, биле во најголем дел од естетска природа и никако не можат да се поврзат со несреќата. Уредно биле отстранети во зададениот рок, пред пуштање на болницата во употреба.
Тендерот за изградба на модуларните болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.
Во соопштението се додава и дека компанијата е згрозена од манипулациите со овој случај.
„Апелираме и повикуваме, оваа трагедија и губитокот на човечки животи да не се користи како средство за дневно политички и лични препукувања. Најостро ги демантираме сите шпекулации чија единствена цел е оцрнување на нашата компанија, а не откривањето на вистинските причини за трагичниот настан. За сите нови сознанија или информации навремено ќе ја информираме јавноста“ се наведува во соопштението од компанијата Брако.
Во пожарот кој изби синоќа во модуларната ковид болница во Тетово загинаа 14 пациенти од вкупно 26 кои претходно биле хоспитализирани поради здравствени компликации настанати од коронависурот.