Бројот на загинати во пожарот во Тетово се искачи на 14

Пожар во модуларната болница во Тетово

Бројот на загинати во пожарот во модуларната болница во Тетово за лекување на ковид – пациенти денеска се искачи на 14. Јавното обвинителство соопшти дека издале наредба за обдукција и идентификација на 14 тела на починати во синоќешниот пожар во тетовската ковид болница. Во соопштението е наведено дека се испитува дали има и други починати лица.

„За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал“, велат од обвинителството.

До раните утрински часови обвинителите ги сослушувале вработените во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот, се вели во соопштението.

Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан.​

За вршење непосреден увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје. На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Република Северна Македонија кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб, информираат од ОЈО.