Орден „8 Септември“ за Андов и пратениците од 1990–1994 година

Стево Пендаровски го одликува Стојан Андов со орден „8ми септември“

Претседателот Стево Пендаровски со орден „8 Септември“ денеска ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година. Во своето обраќање Пендаровски порача дека политичките елити во земјата треба одново да постигнат единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија.

„Денес кога прославуваме триесет години од независноста, имаме повод и најдлабока причина да изразиме благодарност на генерацијата која ги постави фундаментите на македонската државност. Во изминативе децении беа одликувани првиот претседател на Републиката Киро Глигоров, и првиот претседател на Владата Никола Кљусев. Денес, со Орден „8 Септември“ искажуваме почит кон пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година и на првиот претседател на тоа собрание, господинот Стојан Андов,“ истакна претседателот Пендаровски.

Шефот на државата порача дека е време после 30 години угледувајќи се на таа прва генерација пратеници да изградиме единство околу виталните интереси на граѓаните.

„Клучна специфика на секое зрело, слободно и демократско општество е токму способноста низ институциите и процедурите, на конструктивен начин да ги надминува политичките разлики и несогласувања. А стожерната институција за тие дебати е нашиот дом на демократијата – Собранието на Република Северна Македонија. Да работиме на приближување на нашето со европското законодавство, не само формално, туку суштински, преку почитување на принципот на владеење на правото и на слободите и правата на секој човек. Само така се гради праведно и слободно општество на еднакви граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност“, рече меѓудругото претседателот.