Државниот секретар на Соединетите Држави, Антони Блинкен, испратил писмо до шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во кое честита 30-години независност и порачува дека САД се големи поддржувачи на Северна Македонија.
„САД се покрај вас додека вие продолжуваше со вашите напори за зголемување на просперитетот на сите ваши граѓани, унапредувајќи го владеењето на правото и засилувајќи ги вашите демократски институции. Северна Македонија, исто така, ја има нашата непоколеблива поддршка и кога станува збор за остварување на вашите аспирации за членство во ЕУ“,пишува во писмото од Блинкен.
Државниот секретар на САД во писмото нагласува и дека САД со гордост ја поздравиле Северна Македонија како 30 земја-членка во НАТО кое членство, според него, е доказ за посветеноста на земјата кон регионалните и глобалните мир и безбедност.
„Вашето учество во мисиите на Алијансата, вклучително и во Авганистан, ја покажува вашата посветеност на заедничките вредности“, напишал Блинкен.
Честитка по повод денешниот празник претходно испрати и американскиот претседател Џо Бајден до својот македонски колега Стево Пендаровски.