Бугарското собрание го ратификува договорот за донирање вакцини за Македонија

Народното собрание на Бугарија со 146 гласови „за“ го ратификуваше договорот за донирање 51.480 дози на вакцината „Фајзер“ на Република Северна Македонија. Рокот на употреба на вакцините истекува на 30 септември годинава.

„Конкретно за Северна Македонија, изборот е дали да ги уништиме или да ги подариме, затоа што на вакцините им истекува рокот до крајот на септември“, изјави за време на парламентарната дискусија, министерот за здравство Стојчо Кацаров.

Во текот на дискусиите за ратификациите, Кацаров посочи дека доколку Народното собрание денеска не донесе одлука и доколку ја одложи ратификацијата, вакцините нема да бидат достапни за Република Северна Македонија. Тој објасни дека компанијата „Фајзер“ не дозволила ниту една земја да обезбедува, продава или донира вакцини без ратификација од Народното собрание и апелираше до пратеникот Христо Гаџев од ГЕРБ-УДФ да не дава предлози за промени барем за оваа ратификација, за да не се запре донацијата.

Министерот Кацаров им објасни на новинарите дека ова е прва донација на вакцини за Република Северна Македонија. Според Кацаров, требало да се изврши во јуни, но поради процедурите кои се вон наша контрола, тоа не успеало и последователно, самата Република Северна Македонија се откажала.

Останатите договори за донации на вакцини против Ковид-19 поради барање за предлози за измени и дополнувања на предлог-законите меѓу првото и второто читање, ќе бидат повторно разгледани за да бидат ратификувани. Рокот за поднесување предлози е три дена.