Во пожарот што зафатил преполн затвор во индонезиската провинција Бантен, загинале најмалку 41 лице, а десетици се повредени, пренесува Ројтерс.
„Пожарот што избувна меѓу 1 и 2 часот ноќта во блокот Ц од затворот Тангеранг е изгаснат, но евакуациите се уште се во тек“, изјави портпаролот на Министерството за човекови права и закони, Рика Апријанти.
„Причината за пожарот се уште се испитува“, рече таа, додавајќи дека во блокот каде избувнал пожарот, казната ја издржувале криминалци кои биле затворени за дрога, со капацитет од 122 лица.
Таа не потврди колку луѓе имало кога избувнал пожарот, но рече дека затворот е пренатрупан.
Затворот Тангеранг има капацитет за 600 луѓе, а според индонезиската влада, во септември имало 2.000 затвореници, што е многу повеќе од неговиот капацитет.
Портпаролот на полицијата Јусри Јунус пак за локалната телевизија изјави дека првичните сомневања за причината на пожарот е краток спој.