САД загрижени за новата талибанска влада во Авганистан

Соединетите Држави изразија загриженост откако Талибанците ја претставија новата, авганистанска влада составена исклучиво од машки членови и со луѓе поврзани со напади врз американските сили.

Времениот кабинет е предводен од Мула Мохамад Хасан Ахунд, кој е на црната листа на Обединетите нации. Федералното истражно биро на САД (ФБИ) пак бара друго лице, Сирајдин Хакани. Исламистичката група ја презеде контролата врз Авганистан во сеопфатна офанзива пред повеќе од три недели. Оттогаш, жените демонстрираат против овие исламисти.

Иако милитантите негираат дека користат насилство врз нив, нивната влада се соочува со тешки предизвици во земјата погодена од конфликтот, вклучително и стабилизирање на економијата и добивање меѓународно признание. Групата претходно изјави дека сака да формира инклузивна влада.

„Забележуваме дека објавената листа на имиња се состои исклучиво од лица кои се припадници на Талибанците или нивни блиски соработници и е без жени. Загрижени сме и за поврзаноста и документите што ги имаме за некои поединци“, соопшти американскиот Стејт департмент.

Се додава САД „ќе им судат на Талибанците според нивните постапки, а не според нивните зборови“.