Талибанците денеска ја претставија новата влада на чело со мула Мохамад Хасан Ахунд. Тој беше министер за надворешни работи и вицепремиер за време на претходното владеење на Талибанците од 1996 до 2001 година. Истиот се наоѓа на листата на терористи на Обединетите нации од 2001 година. Го опишуваат како „еден од најефикасните талибански команданти“.
Врховен лидер ќе биде Мавлави Хаибатулах Ахунџада, кој претходно беше назначен за лидер на Талибанците. Тој ќе го има последниот збор за политички, верски и воени прашања под раководната структура.
Во меѓувреме друг портпарол на Талибанците, Ахмадула Масик, потврди за Би -Би -Си дека земјата отсега треба да биде позната како „Исламски емират на Авганистан“, име што го користеа Талибанците за време на нивното претежно непризнаено владеење од 1996 до 2001 година. Мавлави Амир Кан Мутаќи ќе биде министер за надворешни работи.
- Талибанците пукале во воздух за да растераат демонстранти во Кабул
- Талибанците тврдат дека ја презеле контролата врз провинцијата Панџшир
- „Немаме пари“: Талибанците го втурнаа Авганистан во економски хаос
Портпаролот на Талибанците Забихула Муџахид на прес-конференција рече дека коосновачот на Талибанците Абдул Гани Барадар ќе биде вицепремиер, пренесе АФП.
Барадар беше ослободен од пакистански затвор во 2018 година по наредба на Соединетите Држави, откако започнаа директни разговори меѓу милитантите и Вашингтон, што на крајот доведе до договор за повлекување постигнат на почетокот на минатата година.
Мула Мохамад Јакуб, син на поранешниот талибански духовен водач Мула Мохамад Омар, е назначен за министер за одбрана.
Засега сите номинирани ќе служат во својство на в.д директори, рече Муџахид на конференцијата. Тие претходно ветија „инклузивна влада“ која го претставува сложениот етнички состав на Авганистан, иако најверојатно во неа нема да бидат вклучени жени.