Со гордост ве поздравивме како 30-ти сојузник на НАТО, и со нетрпение очекуваме да ве видиме и во ЕУ. САД остануваат непоколебливи поддржувачи на Северна Македонија, порачува меѓу другото американскиот претседател Џо Бајден во честитката до претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на независноста Денот на независноста на Република Северна Македонија – 8 Септември.
„Во име на американскиот народ, го честитам денот на независноста на Северна Македонија. Одбележувајќи ја оваа прилика, ние исто така ја одбележуваме 25-годишнината од нашите дипломатски односи и силното пријателство меѓу нашите две нации. Нашите земји ги обединуваат семејните и историските врски, како и нашите заеднички демократски вредности и посветеност на човековите права. Нашето партнерство ќе продолжи да им користи на нашите народи во годините што доаѓаат“, пишува Бајден во честитката.
- САД со поддршка за евроинтеграцијата и проблемот со Бугарија
- Рикер - Западен Балкан во ЕУ за попросперитетни и помирни времиња
Тој истакнува дека земјата дала „витален придонес за безбедноста и стабилноста на регионот долго пред таа да се приклучи на Алијансата и се заблагодарува што оваа година Македонија беше домаќин на мултинационалната вежба „Решителен удар 21“ во Центарот за воена обука „Криволак“.
„Како што Вашата земја продолжува да напредува – зголемување на просперитетот за сите Ваши граѓани, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на Вашите демократски институции – САД остануваат Ваши силни и непоколебливи поддржувачи. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Северна Македонија на патот на спроведувањето на реформите што ќе ја обезбедат европската иднина на Вашата земја, вклучително и пристапувањето во Европската Унија“, се наведува во честитката од американскиот претседател Бајден до неговиот македонски колега Стево Пендаровски.