ОБСЕ/ОДИХР денеска ја започна својата набљудувачка мисија за локалните избори закажани на 17 октомври, во специфични услови поради пандемијата со Ковид -19.
Шефот на мисијата, Тана де Зулуета на прес-конференција информираше дека Мисијата се состои од основен тим од 13 стручни лица со седиште во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во земјата од 15 септември. ОДИХР планира и да побара од земјите-учеснички на ОБСЕ да пратат 250 краткорочни набљудувачи, кои би пристигнале неколку дена пред денот на изборите.
Де Зулуета додаде дека тие денеска веќе имале средба во Министерството за надворешни работи, како и во Државната изборна комисија.
„Ќе бидеме тука на покана на вашите власти, да ги набљудуваме изборите, да видиме дали се придружувате на стандардите на ОБСЕ, но исто така и до вашите закони и Изборниот законик“, рече де Зулуета.
Првпат на овие избори во земјата ќе се применат терминали и систем за вчитување на отпечатоци од прсти.
„Мисијата има аналитичар за регистрација на гласачите. Мисијата веќе се сретна со Државата изборна комисија и прегледа неколку од машините. Има и други ОБСЕ држави што користат слични машини и нашата мисија ќе испита како тие се имплементирани на овие избори во овој специфичен контекст“, информираат од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
- Ахмети им постави пет цели на кандидати за градоначалници
- Бени Шаќири кандидат за градоначалник на Скопје, Никола Пановски носител на советничка листа на ЛДП-ДОМ
Со мисијата ќе се процени дали изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и националното законодавство. Набљудувачите одблизу ќе ги испитаат клучните елементи на изборите, како што е регистрацијата на гласачите, регистрацијата на кандидатите, активностите во кампањата и нивното финансирање, работата на изборната администрација и релевантните владини органи, законодавството поврзано со изборите и неговото спроведување, како и решавање на споровите поврзани со изборите. Со мисијата ќе се следи и начинот на кој медиумите ја покриваат кампањата.
Во текот на набљудувањето ќе биде објавен периодичен извештај за да се ажурираат јавноста и медиумите. ОДИХР ќе ги претстави прелиминарните наоди и заклучоци на прес конференција денот по изборите, а ќе го објави конечниот извештај за набљудувањето, заедно со потенцијалните препораки, приближно два месеци по крајот на изборниот процес.