„Багови го буткале“ системот за попис, од денеска нормално работи

Илустрација - Попишувач на терен, Скопје 5 септември 2021

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, денеска информираше дека „по вчерашните паѓања на електронската апликација за попис на населението, проблемите се отстранети“. Тој додаде дека „секогаш кога се работи со технологија, можни се пречки“.

Пописот на населението во Македонија почна во неделата, а вчера беа регистрирани неколку застои на апликацијата и пад на системот за електронска евиденција. Денеска повторно не работела апликацијата, но тоа било, како што рече Симовски, поради интервенцијата за апдејтирање, по што целиот систем бил рестартиран и биле отстранети сите т.н. „багови“.

„Во моментов апликацијата е во функција и попишувачите на терен нормално ја извршуваат својата задача, внесуваат податоци кои ги добиваат на терен, од домаќинствата кои ги посетуваат“, рече Симовски денеска во Куманово, по посетата на Регионалниот пописен центар лоциран во седното техничко училиште.

Симовски ја отфрли можноста поради вчерашните прекини во работата на апликацијата да се внесени двојни податоци.

Според последните подтоци со кои располагаше директорот на Државниот завод за статистика, до утрово попишани биле околу 150 илјади лица. Симовски рече дека досега никој не е казнет од оние граѓани кои одбиле да соработуваат со попишувачите и нагласи дека станува збор за мал број на случаи на одбивање да се дадат податоците и рече дека е обврска на државните инструктори да разговараат со овие лица.