Вооружени талибанци пукале во воздух за да растераат неколку десетици демонстранти кои протестирале во центарот на Кабул, како што велат, против мешањето на Пакистан во работите на Авганистан.
Медиумот ТОЛО прикажа видео снимки на кои се гледа како луѓе трчаат додека се слушаат истрели од огнено оружје.
Засега нема извештаи за повредени.
Демонстрантите, претежно жени, се собрале пред амбасадата на Пакистан во Кабул.
На 5 септември во посета на Авганистан беше шефот на разузнавањето на Пакистан, генералот Фајез Хамед, но за таа посета има малку детали.
Раководството на талибанците имало седиште во Пакистан и честопати се наведуваше дека биле во директен контакт со моќната разузнавачка агенција на Пакистан. Вашингтон и авганистанската влада обвинуваат дека Пакистан им дава воена помош на талибанците, но пакистанските власти го негираат тоа.